ЛАБОРАТОРИИ

Технолошко-металуршкиот факултет, заедно со Машинскиот и Електротехничкиот припаѓа на комплексот факултети од технички науки. Тој располага со вкупен простор од 12000м2 од кои 9000м2 се главната зграда и анексот.
Студентските вежби за општо образовните предмети се одвиваат во повеќе лаборатории и тоа за:

  • општа и неорганска хемија
  • физика
  • инженерска техника
  • аналитичка хемија
  • органска хемија
  • физичка хемија
  • компјутерска лабораторија

Студентските вежби за повисоките години и научноистражувачката работа се одвиваат во повеќе помали лаборатории на поедините институти како што се лабораториите за:

Лабораториите за базно органско и полимерно инженерство се опремени за изведба на лабораториски вежби кои опфаќаат пречистување на органски суровини, синтеза и карактеризација на органски и полимерни материјали. Тука спаѓаат реакторите за синтези под вакуум, нормални услови и под притисок, лабораториски мешалки, пумпи, опрема за дестилација на растворувачи и мономери, вакуум сушара, рефрактометар, микроскопи и др. Студентите имаат можност да се запознат со принципот на работа на гасниот хроматограф, УВ-вис спектрофотометарот и ГПЦ. Студентите на полимерно инженерство дел од вежбите ги изведуваат на поларизациониот микроскоп со термички уред и на современиот ДСЦ-апарат, определувајќи ги параметрите на кристализација и топење на полимерите, карактеристиките на хемиските влакна и други полимерни материјали. Молекуларните параметри на полимерите, покрај вискозиметриски методи, се определуваат и на осмометарот. За анализа на механичките својства на полимерните материјали на располагање се и лабораториите на други институти на Факултетот, како и апаратот за определување на јачината и модулот на свиткување.

На насоките за прехранбена технологија и биотехнологија постојат неколку лаборатории организирани според природата на вежбите. За микробиолошки испитувања, покрај основниот прибор за подготовка на микроскопски препарати, студентите имаат на располагање, се разбира и микроскопи, монокуларни и бинокуларни, термостати, автоклави, фрижидери и замрзнувачи за чување на културите, како и комора за работа во стерилни услови. За изведување на ферментационите процеси постојат неколку ротациони тресилки и два ферментора. Позначајната опрема поврзана со технологиите, главно на прехранбените производи, но и на производите од биолошко потекло, опфаќа мелница, хидраулична преса, лабораториски екстрактор, обична и вакуум сушница, хомогенизатор, вакуум упарувач и уред за преработка на шеќерна репа. За следење на овие процеси, но и испитување на готови производи, лабораториите се снабдени со основна опрема, технички и аналитички ваги, обични и термостатирани водени бањи, центрифуги, муфолна печка, рефрактометар, сахариметар, Soxhlet-ов апарат, како и со спектрофотометар (видливо и УВ подрачје), и анализатор на азот. Студентите имаат пристап и до два современи инструмента, гасен хроматограф и апаратот за ХПЛЦ.

На Факултетот постои заедничка лабораторија на институтите за неорганска технологија и институтите за металургија која служи за подготовка на минерални суровини. Во оваа лабораторија има различни дробилки, гранулатор, мелници, пулверизатори, вибратор со серија сита, седиментациона вага, магнетен и Францов изодинамичен сепаратор, таложници, хидрауличен анализатор, флотациона машина, Алпин-сепаратор и сушници. Во лабораторијата за материјали на институтот за неорганска технологија сместени се голем број инструменти за научноистражувачка дејност со кои студентите се запознаваат во текот на своите лабораториски и демонстративни вежби. Тука спаЃаат: дилатометарот, системот за испитување на т.н. термошок-феномени, термогравиметриски анализатор, високотемпературни печки, металографскиот микроскоп, опрема за шлифување и полирање, апаратура за вакуум-синтерување, преса за прашкасти системи, систем за флуидизирано сушење, како и современа апаратура за хемиска депозиција од гасна фаза (ЦВД) и инструменти за определување на јачината и модулот на свиткување и БЕТ-анализатор. Студентите од инженерството за неметали работат на формирање керамички производи, глазури и стакло. Микроструктурата на добиените производи може да ја следат со металографскиот микроскоп опремен со видеокамера. За анализа на семикристалната структура на материјалите се применува и рендгенската дифракција под широки агли.

Експерименталните вежби на студентите од текстилно и конфекциско инженерство се изведуваат во неколку лаборатории, организирани според природата на лабораториската работа. Така, во хемиските лаборатории, опремени со стандардниот прибор, како и со апарат за вакуумска и атмосферска дестилација и регенерација на растворувачи, вискозиметри, Соџхлет-апарати, фуларди, оптички микроскопи, студентите ги изведуваат вежбите по боење на текстилните материјали во апаратот Ахиба со автоматска контрола на брзината на загревање и циркулација на бањата. Испитувањата на основните механички и физички својства на влакната, ткаенините, плетенините и другите текстилни производи се изведуваат во лабораторијата за испитување и контрола на квалитет на текстилните материјали на апаратите Виброскоп и Вибродин, динамометри, микронер-апарат, торзиона вага и др. Во лабораторијата на конфекциско инженерство и механички текстилни технологии сместени се две машини за плетење - основопреплетувачка и кружноплетачка, како и шивачки машини и експериментална сновалка за секциско сновање.

За експериментални вежби за студентите од насоката дизајн и менаџмент на располагање има неколку лаборатории. Во лабораториите за реакционо инженерство и сепарациони процеси студентите ги следат феномените на пренос на маса во процесите на екстракција, дестилација, апсорпција и адсорпција како во шаржни услови, така и во колони со различни димензии. Во реактор-пилот постројката може да се анализираат реакции во течна и гасна фаза. Лабораторијата за мерење и автоматска регулација е опремена со манометри, вискозиметри, ротаметри, потенциометри, мерачи на проток наменети за изведба на вежбите по предметите мерење и автоматска регулација и процесна динамика. Лабораторијата за нафта и нафтени деривати има опрема за АСТМ-дестилациони криви, определување содржина на сулфур, олово, пепел, кокс, вода и седименти и точките на палење, течење и заматување на течните горива. Процесните симулатори Полѕматх, ИСИМ, Хѕсѕс Плант, СуперПро, како и Матлаб се само еден дел од постоечкиот софтвер во компјуерската лабораторија, наменет за стационарна и динамичка симулација на технолошките процеси.

Експерименталните вежби кои се предвидени со наставните содржини за студентите од преработувачка металургија се изведуваат во неколку, посебно за таа цел, организирани лаборатории. Тука спаѓаат лабораториите за физичка металургија, леење, валање, металуршки печки и термичка обработка, испитување на металите и корозија и заштита опремени со неопходната апаратура за изведување на вежбите. Постои и лабораторија за подготовка на металографски препарати снабдена со потребната опрема за брусење и полирање, како и со повеќе оптички металографски микроскопи. Во оваа лабораторија се сместени и апаратите што се користат за механички испитувања (хидраулична киналка од 10 т, Шарпиево клатно и апарати за определување на тврдината по Бринел, Викерс и Роквел. Факултетот располага со полуиндустриска индукциона печка за топење и валачки стан за валање ленти и жици, како и поголем број на жарни коморни печки. Од позначајната опрема што им стои на располагање на студентите се електронскиот растер микроскоп, рендген апаратот, апаратурата за ТГА и ДТА, како и современа електрохемиска опрема за испитување на корозија на металите.

Лабораториските вежби предвидени во наствната програма на екстрактивна металургија се изведуваат во неколку лаборатории кои ги покриваат сите дисциплини и се опремени со неопходната опрема за изведување на вежбите. Постојат повеќе линии (од лабораториски до полуиндустриски) за вршење трансформација на металоносните суровини и/или извлекување на металите од нив. Линиите се прилагодени според видот на металите (железо, обоени, ретки), како и според постапката (хидро-, пиро-, електро-). Линијата за лужење на металоносните суровини е опремена со бања за лужење и соодветна аналитичка опрема (спектрофотометар). Линијата за редукционо добивање и/или синтерување на прашкасти метали вклучува цевна печка и соодветна опрема за пречистување на гасните редуценси. Електрохемиска лабораторија е опремена со апаратура за фундаментални испитувања на електродните процеси (потенциостат/галваностат, генератор на функции, осцилоскоп), линија за електрорафинирање и електродобивање на металите и корозивни испитувања. Минералошката лабораторија поседува колекција на модели на сите кристалографски структури, богата збирка на минерали, како и оптички микроскоп