Студентите кои ќе дипломираат на студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија, насочување Прехранбена технологија се оспособени за водење индустриски процеси за преработка на храната. Тоа опфаќа и подобрување на постојните операции и воведување нови, учество во дизајнирање нови производи и воведување современи програми за обезбедување квалитет во прехранбените претпријатија.
Со зголемување на бројот на малите и средни претпријатија во државава, можностите за вработување на прехранбените инженери се зголемуваат и тоа особено во пекарството, преработката на овошје и зеленчук, преработката на млеко, производството на алкохолни и безалкохолни пијалаци, во винарството како и во маслодајната и месната индустрија, како и во производството на процесна опрема, производството на амбалажа, во лабораториите за контрола на прехранбените производи и во научноистражувачките институции.
По дипломирањето на студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија, насочување Биотехнологија, овој вид инженери е квалификуван за работа во индустрии кои се занимаваат со преработка на биолошки материјали, како што се производството на фармацевтски и козметички производи (лекови, сирупи, етерични масла, ароматични компоненти, пигменти и др.) и во ферментационата индустрија (класични ферментации: пиво, вино, оцет, пекарски квасец, стартер култури, пробиотска храна и др.).
Изучувањето на ензимите и нивната примена во различни процеси им ги проширува можностите за вработување и во други индустриски гранки, како кожарската, целулозната и текстилната.
Познавањата од молекуларната биологија и генетските трансформации им овозможуваат вработување во лаборатории за контрола на генетски модифицираната храна и во соодветни научноистражувачките институции.
>> Наставна програма