Преработувачка металургија
13.09.2023 2023-09-13 20:30Преработувачка металургија
Институтот за преработувачка металургија, како дел од Технолошко-металуршкиот факултет, се конституира во 1976 год.
Наставната дејност главно ги опфаќа основни дисциплини, поврзани со процесирање на метали и легури во течна и пластична состојба, а тука се и физичка металургија, испитување на метали, заварување, топлотехника и печки. Преку изборните предмети, идните инженери-металурзи се насочуваат кон потесни специјалности од областа на леење, пластична деформација (валање, пресување, извлекување итн), термичка обработка и др.
Наставната дејност се одвива во неколку лаборатории. Лабораторијата за физичка металургија и термичка обработка на металите е опремена со апарати за механички испитувања – хидраулична киналка, Шарпиево клатно, апарати за определување тврдина и неколку жарни печки. Лабораторијата за леење е опремена со полуиндустриска индукциона печка за топење, опрема за калапирање и калапи за леење на металите. Лабораторијата за валање има мал валачки стан за рамно валање и мал уред за калибрирано валање на ленти и жици. Лабораторијата за испитување на метали има опрема за подготовка и испитување на металографски препарати, потребна опрема за брусење и полирање, оптички металографски микроскопи и електронски микроскоп. Институтот исто така располага со современа опрема за електрохемиски испитувања на корозија на металите. Освен тоа, Институтот за преработувачка металургија ја збогатува наставната дејност со организирање на теренска настава и пракса за своите студенти. Покрај теоретските познавања, практичната примена на знаењата е исто толку важна, и токму поради тоа и се организираат овие активности. Преку теренската настава студентите се стекнуваат со практични познавања на различните процеси на производство и преработка на металите, додека преку праксата добиваат подлабоки знаења и познавања и се стекнуваат со искуства за нивното идно вработување по дипломирањето.
Потребата од дипломирани инженерски кадри од Институот за преработувачка металургија станува се поголема во стопанството. Со заживувањето на голем број производствени и преработувачки капацитети во Македонија, се отворија голем број на работни места. Во изминатите години стана пракса дипломираните инженери-металурзи набрзо по дипломирањето да се вработуваат. Ова е уште еден доказ за важноста на преработувачката металургија во стопанството, како и за квалитетот во образованието и практичните искуства кои ги нуди нашиот институт.
Инстутутот за преработувачка металургија со години работи на научно-истражувачки проекти од областа на леење на легури, микроструктури на металите, усвојување на параметри на процесирање на челици по пат на топло и ладно валање, механички испитувања на металите и легурите, подобрување на квалитетот на челиците, подобрување на квалитетот на челичните жици добиени по пат на извлекување, оптимизација на процесите на континуирано леење на челиците и алуминиумските легури, испитувања на атмосферската и подземната корозија и други.
Во рамките на апликативната дејност, Институтот за преработувачка металургија соработува со голем број на индустриски претпријатија од Македонија: „Осломеј“, Кичево, „Челичарница Макстил“ и „Валалница Макстил“, Скопје, „ФЕНИ Индустри“, Кавадарци, „Плазма“, Скопје, „ТЕАЛ“, Тетово, „ИМР“, Скопје и други.